Состанок на работната група за Компонента 1

На 6 март 2015 НДЦ Скопје официјално го одбележа почетокот на имплементацијата на Компонента 1 од проектот ,,Мултиетнички концепт во образованието” – заеднички проект кој го имплементира Министерството за образование и наука во партнерство со НДЦ Скопје. Проектот е финансиски поддржан од норвешкото Министерство за надворешни работи и се состои од две компоненти:

  • Компонента 1 – Вклучување на мултиетнички средни стручни училишта во Нансен моделот за интегрирано образование и подобрување на условите за реализација на практични часови
  • Компонента 2 – Иницијатива за унапредување на наставничката професија

На 6 март 2015 НДЦ Скопје беше домаќин на првиот состанок со директорите и помошниците директори на избраните училишта со цел да го одбележат почетокот на имплементацијата на Компонента 1.

За време на состанокот, извршниот директор на НДЦ Скопје, Сашо Стојковски, ги презентираше проектните цели со особен фокус на Компонента 1 и исто така даде краток осврт за потребата од имплементирање на активности за интегрирано образование во рамките на средните стручни училишта во Македонија со цел спречување на трендот на сегрегација. Советникот на Министерот за образование и наука, г-дин Сафет Незири ја повтори важноста на напорите за воведување на моделот за интегрирано образование не само во рамките на воннаставните активности, туку исто така и за време на редовниот наставен процес.

Менаџерот на Тренинг центарот при НДЦ Скопје, г-ѓа Билјана Крстеска-Папиќ заедно со Координаторот за образование г-ца Сонај Билал ги презентираа главните карактеристики на Нансен моделот за интегрирано образование како и целите и функцијата на Тренинг центарот при НДЦ Скопје.

Со цел обезбедување на ефикасна имплементација на оваа компонента, МОН и НДЦ Скопје формираа заедничка работна група која имаше задача да ги проучи сите мултиетнички средни стручни училишта во Македонија и заедно да состави акционен план со цел да ги вклучи сите училишта во Нансен моделот за интегрирано образование во текот на тригодишен период. За време на првата година, одбрани се пет средни стручни училишта кај кои постојат многу предизвици  и кои имаат најголема потреба од интеграција. Подобрувањето на инфраструктурните и технички услови во селектираните училишта ќе резултира со подобрени услови за учење на интегрирани часови и активности, а исто така ќе помогнат и за подобрување на квалитетот на теоретскиот и практичниот едукативен процес кај учениците. Дополнително, 23 наставници ќе добијат целосни стипендии за основно и напредно ниво на обука за интегрирано образование во Тренинг центарот при НДЦ Скопје.

Оваа проектна компонента ќе овозможи успешна интеграција на ученици, родители и наставници од различни етнички заедници преку програми за градење на капацитетот и активности за интегрирано образование. Сите програмски активности се внимателно испланирани и структурирани на начин кој ги покрива проблемите со кои се соочува актуелниот образовен систем во Македонија, исто така нудат нови пристапи и програми кои ќе ја зајакнат интеретничката интеграција и толеранција, а истовремено промовираат инклузија преку градење на компетенциите на сите учесници во процесот за мултикултурно образование, инклузија и непристрасен пристап во образованието.