Во периодот од 26 до 27 октомври 2018 година, проект менаџерот на НДЦ Скопје Ветон Зеколи заедно со група наставници и ученици од Македонија во состав: Дарко Талески, Илина Миноска, Магбуле Мерсини, Шпреса Исеини, Гарип Шаќири, Радица Ацевска, Гезим Идризи и Мирјана Петревска учествуваа на завршната конференција на проектот GEAR (глобално образование и активно делување) насловена како “Инклузивни општества – улогата на образованието во полето на човекови права, разновидност и интеркултуралност во Европа” одржана во Шпанија.

Проектниот менаџер на НДЦ Скопје, Ветон Зеколи, го сподели искуството на НДЦ Скопје и резултатите постигнати од спроведувањето на Нансен моделот за интеркултурно образование, додека наставникот Дарко Талески од ОУ „Кирил и Методиј“ Канатларци, го претстави искуството од практичната имплементација на  Нансен моделот за интерктултурно образование преку проектни активности во панелот “Добри практики во инклузивното образование за разновидност: перспектива на наставниците”.

Проектот GEAR се спроведува во соработка со 11 партнери – граѓански организации, наставници, ученици и училишта од пет европски земји: Хрватска, Италија, Шпанија, Словенија и Македонија. Целта на овој проект е промоција на демократските вредности, основните права, интеркултурно разбирање и активно граѓанство како и превенција на насилна радикализација.