Иновативно и модерно. Вака може да се опише средното интегрирано двојазично училиште кое, со поддршка од Нансен дијалог центарот од Скопје (НДЦ), беше отворено на 1 септември 2010 година во селото Прељубиште во Општина Јегуновце. Тогаш, всушност, беше пуштена во употреба нова училишна зграда коja почна да функционира како подрачно училиште на Средното стручно општинско училиште „Моша Пијаде“ од Тетово.

Отворањето на средното училиште се покажа како логичен потег, зашто основците кои завршуваа во Основното интегрирано училиште „Фритјоф Нансен“, кое е во истото село и во истиот двор, имаа можност да продолжат во средно училиште по ист интегриран терк на настава.

Токму поради успехот на основното училиште, кое почна со работа две години претходно, на отворањето на средното училиште присуствуваа и своја поддршка за НДЦ изразија повеќе претставници на тогашната македонска Влада, на амбасади, ОБСЕ, Европската Унија, како и на Општина Јегуновце.

Свое обраќање имаше и директорот на Нансен-мрежата на Балканот, Стејнер Брин. „Цела Европа, вклучувајќи ја и Норвешка, се обидува да се справи со прашањето на интеграцијата. Би кажал дека ова е најголемиот предизвик за сите европски земји за 2010 година. Денес Јегуновце ѝ покажува на цела Европа како може да се спроведе интегрираниот училиштен систем, Јегуновце го покажува моделот којшто може да инспирира луѓе. Јегуновце развива модел којшто треба да се следи“, рече тој.

Очекувањата од работата на училиштето беа големи – да обезбеди поквалитетна настава, подобро образование и подобри меѓуетнички односи. За разлика од основното, во ова училиште се работеше за средношколци, па имаше и поголеми предизвици. Дел од нив првпат се среќаваа со концептот на интеркултурно образование. Но, со истата посветеност, внимателност и истрајност на тимот на НДЦ, и оваа приказна се раскажува како успешна.

Бројни новинарски екипи го посетуваа училиштето за да направат сторија за успешниот проект. Пишуваа дека, сепак, било возможно во средина од Тетовскиот Регион ученици Македонци и Албанци, наместо да имаат меѓусебна нетрпеливост, да учат дури во исти училници и тоа паралелно на двата јазика.

Тогашните средношколци сега се возрасни граѓани кои се многу подобри личности токму поради интеркултурниот елемент во нивното средно образование, а со тоа можат и поквалитетно да придонесуваат за онакво општество во какво што сакаме да живееме.

Отворањето на интегрираното двојазично средно училиште во Прељубиште не ќе беше возможно без поддршката од главниот донатор – Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.